Општи информации за задачите за резервна копија
Пред започнување на процесите за создавање на задачи за резервна копија и за враќање на податоци од резервна копија, важно е да се напоменат информации поврзани со самите задачи за резерна копија како и други задачи кои се достапни на корисниците.
Задачи за резервна копија
При провизионирање на услугата Backup VDC, администраторите на neoCloud создаваат задача за резервна копија која ги вклучува виртуелни апликации и машини за кои е потребна резервна копија, согласно договорената полиса за чување на резервни копии. Оваа задача се мапира во интерфејсот на Backup VDC за корисникот да може да ја надгледува и менува по потреба. Во основа, заради поедноставено управување, администраторите на neoCloud користат два типови на задачи:
- Основна резервна копија - чување на 14 дневни резервни копии
- Напредна резервна копија - чување на 14 дневни резервни копии и 4 неделни, 6 месечни и годишни целосни резервни копии
Доколку корисникот преферира поинаква полиса за чување на резервни копии, задачата може да се промени од страна на корисникот во интерфејсот.
Примарните задачи за резервна копија кои се создаваат од страна на администраторите на neoCloud или од самите корисници имаат предефинирани параметри според најдобрите препораки од страна на производителот на софтверот за резервна копија. Овие параметри не се видливи во интерфејсот, но заради транспарентност се опишани во продолжение:
- Backup mode на задачите е Incremental, каде после првото извршување на задачата секогаш се прави инкрементален бекап.
- Креирање на synthetic full backups секоја Сабота. Со оваа опција се синтетизираат сите инкрементални резервни копии во целосен бекап (Full Backup) со цел поедноставно управување со ланецот на резервни копии (Backup Chain).
- Сите задачи користат дедупликација и компресија за заштеда на просторот кој го користат резервните копии.
- Во случај на детекција на проблем со податоците при извршување на задачите (пример корумпирани блокови), автоматски се иницира Active Full Backup кој прави целосно нова резервна копија од самите виртуелни машини, наместо само инкрементална резервна копија. Истото се иницира доколку се детектира ваков тип на проблем при креирање на synthetic full backups. На овој начин се гарантира интегритетот на податоците кои се наоѓаат во резервните копии.
- Сите задачи се интегрираат со VMware Tools во оперативниот систем на виртуелните машини со цел креирање на конзистентен snapshot. Независно дали задачата е поставена за интеграција на апликативно ниво, апликациите и податоците кои се наоѓаат во виртуелните машини секогаш се конзистентни.
- Сите задачи користат Change Block Tracking (CBT) со цел побрзо и поефикасно извршување на задачите преку обработување само на променетите блокови на дисковите од виртуелните машини. Во случај на иницирање на Active Full Backup, се ресетираат CBT информациите.
Задачи за копирање на резервни копии
Покрај примарната задача, администраторите на neoCloud креираат секундарна задача за копирање на резервни копии (backup copy job) преку кои податоците се штитат во друг физички дата центар на neoCloud. Преку овие задачи, во случај на испад на податочниот систем каде се чуваат резервните копии или целосен испад на физички дата центар на neoCloud, податоците на корисниците се безбедни и се овозможува повторно воспоставување на продукциските системи. На овој начин се обезбедуваат условите од правилото 3-2-1 за чување на податоци. Заради ограничувања во моменталната верзија на софтверот, задачите за копирање на резервни копии не се видливи во интерфејсот на корисникот.
Податоците за секундарните задачи не се зимаат од продукциските виртуелни машини, туку од претходно направените резервни копии. На овој начин се избегнува влијанието на продукциските системи кое се јавува при креирање на резервните копии. Бидејќи овие задачи се наменети за враќање на податоци во случај на испад на податочниот систем за резервни копии или испад на дата центар, податоците се складираат со полиса за чување различна од онаа во примарните задачи. Полисата за чување на овие задачи е:
- чување на 2 дневни резервни копии
- чување на 4 неделни резервни копии
Задачи за снимање на лента
За сите корисници кои чуваат годишни архивски резервни копии во примарните задачи, neoCloud врши снимање на лента на годишните точки. Примарната причина за ова е заштеда на дисковиот простор кај податочните системи каде се запишуваат резервните копии, но и воведување на дополнителна безбедност на архивските податоци на корисниците. Процесот на снимање на ленти е управуван од страна на систем администраторите на neoCloud и се врши на почетокот на календарската година, штом се генерираат годишните архивски копии.
Заради усогласеност со барањата на регулативата и законите поврзани со заштита на лични податоци, за секој корисник се доделуваат посебни ленти. Бројката на дедицирани ленти за секој корисник е во зависност од потребите за капацитет и истите се вклучени во цената на услугата. Бидејќи лентите се користат само на почетокот на годината, остатокот од годината се чуваат во сеф. Заради безбедност од неовластен пристап, податоците кои се снимаат на лентите се криптирани со енкрипциски клуч кој се состои од 32 карактери кои се генерираат по случаен избор што го прави нивното декриптирање практично невозможно. Самите енкрипциски клучеви се чуваат во криптирана база на податоци од самиот софтвер за резервна копија.
Бришење на податоци
Во случај на прекинување на договорот и престан на користење на услугата, независно дали станува збор за VDC и Backup VDC како интегрирани услуги или само Backup VDC услугата, во рок од 60 дена се бришат резервните копии на корисникот од страна на систем администраторите на neoCloud. Во бришењето на податоците се вклучени сите резервни копии од примарната задача, како и секундарната задача и задачата за снимање на лента доколку постојат. Како и за бришењето на било кои кориснички податоци заради прекинување на договорот и престан на користење на услугата, при бришење податоци од Backup VDC услугата се потпишува записник од три-члена комисија од Неоком. Доколку барањето за бришење е од страна на корисникот, на записникот се потпишува и самиот корисник. По истекот на 60 дена, записникот се потпишува само интерно од комисијата на Неоком заради регулаторна и законска инспекција или ревизија од ISO стандардизација.